Ракометарите на Охрид ја одработуваат втората фаза од подготовките пред продолжението на натпреварите од регуларниот дел од Суперлигата.
Избраниците на Раде Стојановиќ се наоѓаат на подготовки во Црна Гора, а во денешниот контролен натпревар против актуелниот црногорски шампион, Ловќен, славеа убедливо со седум гола разлика, 32:25.
Најдобри стрелци на натпреварот беа Мице Шилегов со 7 и Михајло Младеновиќ со 5 постигнати голови. Јагош Брауновиќ уште еднаш ја докажа одличната форма и запиша 16 интервенции.
Пред неколку денови, Охрид, исто така беше подобар од црногорскиот суперлигаш, Будва со резултат 39:32. Овие контролни натпревари ќе бидат одлична проверка за екипата на Охрид, која има големи шанси да обезбеди учество во плеј-оф фазата во најквалитетното натпреварување во Македонија.
Охрид се наоѓа на делба на петтото место во Суперлигата со Пролет и Тиквеш. Трите екипи имаат по 25 бодови.
Охриѓани пред заминувањето за Црна Гора одиграа пријателски натпревар против Струга. И во овој контролен дуел беа подобри од својот противник со 34:31.
Ракометарите на Охрид утре ќе го одиграат вториот контролен натпревар против Ловќен од Цетиње.