Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија и на вториот натпревар од осминафиналето од Лигата на Европа од германскиот Магдебург со 35-24 и со тоа ги завршија европските настапи.
Битолчани одлично парираа во првите петнаестина минути, кога беше 6-5, но потоа домашните ја зголемија предноста, откако погодуваа Муса и О’саливен за 9-5. До крајот на полувремето Магдебург обезбеди плус пет, 14-9.
На стартот на вториот дел Кукуловски погоди за 14-10, по за кратко време домашните избегаа на плус седум, 19-12 и тука беше крајот на надежите за некаков позитивен резултат од ова гостување.
Во продолжение двете екипи играа растоварено, а само се броеја головите и се чекаше конечниот резултат. Еурофарм Пелистер на два пати стигна до минус пет, но немаше ниту сили ниту време за пораз со помала разлика.
Најдобри стрелци кај битолчани беа Мандалиниќ со седум и Маџовски со пет погодоци, додека кај Магдебург се истакнаа Клуге со седум и Штајнерт со пет. За Еурофарм Пелистер следува пресметка во Купот на Македонија против Младост Богданци и против Татран Прешов во регионалната СЕХА лига.