Еурофарм Пелистер го доживеа вториот пораз во Лигата на Европа во третото коло, откако на домашен терен загуби од фаворитот Фуксе Берлин со 43-34. Гостите победата ја обезбедија уште по првиот дел кога имаа водство од осум гола, а клучот беше голманот Киреев кој запре 12 удари само во првите триесет минути. Нападот на битолчани не беше лош, но одбраната и спорото враќање назад, беа казнувани со лесни погодоци од брз центар или контранапади.
На почетокот се играше гол за гол. Василев и Костески реализираа за Еурофарм Пелистер за 2-1, но Холм израмни на 2-2. Киреев му фати пенал на Кузманоски, но и Лејсак одбрани контранапад на Вујовиќ, па беше 4-4. Лихтлајн промаши, но Киреев запре зицер на Костески, па казната стигна преку Виде. Беше и 5-5, а бундеслигашот за првпат имаше плус два, откако Вујовиќ погоди во контра за 8-6.
Сери погреши во нападот, ниту Василев во контра не беше прецизен и Швеѓанецот Дарј го однесе Фуксе на плус три, 9-6. Валтер ги замени и Сери и Хенеберг, па проба со Атанасијевиќ на лев бек, кој во првиот негов обид изнуди пенал. Но Киреев блескаше на голот и го одбрани вториот седмерец. Атанасијевиќ донесе нова енергија во нападот на битолчани, погоди два пати по ред, но гостите со брза транзиција веднаш враќаа и беше 12-8 во 20 минута од мечот.
Набрзина без многу напор Фуксе стигна и до плус шест. По реализацијата на пелистерци, гостите веднаш тргнуваа во напад и лесно го совладуваа Лесјак. По голот на Пешевски, следуваа две грешки на битолчани и Фуксе веќе отиде на високи 20-13. Немаше многу промени до крајот на полувремето и гостите заминаа на пауза со плус осум, 22-14.
11.22.2022 EUROFARM PELISTER vs FUSCHE BERLIN
За пет минути во вториот дел Фуксе Берлин постигна шест гола, а нашиот тим само два 28-16 и веќе беше јасно тешко ќе има камбек во овој натпревар. Битолската одбрана немаше решение за Холм, на два пати погоди и Енде, па беше 29-17. Еурофарм Пелистер врза три гола во серија за 29-20, но во тој момент Валтер остана без Сери, кој се пожали на повреда. Битолчани одново врзаа два гола по ред за 32-23, па гостинскиот тренер Сиферт реагираше со тајм-аут.
Еурофарм Пелистер во неколку наврати ја намали негативата на осум, но немаше сили за нешто повеќе. До крајот немаше многу возбудувања на теренот и фаворитот рутински го доврши мечот. Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Пешевски со осум, Радовиќ со шест и Танкоски со пет гола, а голманите Лесјак и Кизиќ имаа вкупно десет одбрани. Кај Фуксе Берлин голманот Киреев блескаше со 15 интервенции, девет гола даде Вујовиќ, додека седум пати стрелаше Холм.
Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде гостувањето во Диселдорф кај Мотор Запорожје.