Вртоглави суми – поранешен тренер на Вардар најплатен во Романија

Романскиот „Про Спорт“ ги објави имињата на најплатените тренери во женскиот шампионат во Романија.

Тренерот на ЧСМ Букурешт, Адријан Василе и поранешниот предводник на ЖРК Вардар, денес актуелен тренер на Глорија Бистрица, Ким Расмусен, се најплатените тренери во женските клубови во Романија.

Споменатите имиња заработуваат месечна плата од приближно 8000 евра. Нивните клубови имаат најголем буџет во романскиот женски ракомет. На пример, Глорија Бистрица располага со годишен буџет од три милиони евра. Тоа беше главна причина раководството на клубот да донесе квалитетни засилувања.

Ким Расмусен беше главен тренер на ЧСМ Букурешт во сезона 2015-2016, и успеа со екипата да ја освои Лигата на шампионите. Во неговото раководење во поранешниот европски шампион, Адријан Василе беше помошен тренер.

Според романскиот портал, романската женска лига станува рај за странски ракометарки и тренери, а платите од страна на романските клубови се повисоки во споредба со голем број на познати клубови од скандинавските земји.