Во ефикасен натпревар, со вкупно 76 постигнати погодоци, екипата на Македонија Ѓорче Петров славеше против Јехона со 43:33 во натпревар од 8. коло од Првата лига.
За избраниците на Димитриоски денешната победа беше петта во новата сезона од прволигашкото друштво и тимот на Македонија ЃП стигна до 15 бодови на свое конто. Ист број на бодови има и второпласираниот Младост, кој има натпревар помалку, додека на првата позиција во групата А е позициониран дебитантот Мулти Есенс со 18 бодови.
Гостите од Гостивар до 15 минута одржуваа резултатска предност. Јехона имаше добар почеток и на моменти во првите 30 минути водеше со два до три гола разлика. По водството на Јехона од 10:8, домаќините направија серија од 3:0, поведоа со 11:10 и до крајот на натпреварот имаа контрола на резултатот. Првиот дел заврши со резултат 20:18 за Македонија ЃП.
Домашниот тим во вториот дел од минута во минута ја зголемуваше резултатската предност. За неколку минути игра во вториот дел домаќините се одлепија на 26:20 и натпреварот го водеа до сигурна победа. Иако Јехона во еден момент намали на 32:28, сепак, домашниот табор со расположените Ролевски и Димовски ја направи разликата поубедлива за конечни плус десет, односно победа од 43:33.
Во победничката екипа најефикасни беа Филип Ролевски со 11 и Мартин Димовски со девет погодоци. Кај Јехона листата на стрелци беше предводена од Филип Илиески со седум погодоци.