„Во соблекувална зборуваа дека келнерка го нашла како лежи во тревата, па повикала брза помош“

Смртта на Денис Тот ја потресе македонската ракометна јавност, а веста силно одекна и во Хрватска.

Коментар по немилиот настан за „Вечерњи“ дал и ракометарот на Вардар Анте Гаџа. Ништо не е потврдено и засега во јавноста има разни шпекулации, а до Гаџа стигнала информација дека келнерка го пронашла Тот како лежи во тревата и пoвикала брза помош.

„Тоа што се случи е навистина страшно. Не се познавав лично со момчето, знаевме да се поздравиме и да размениме по некој збор во меѓусебните дуели. Во јавноста има разни приказни, не знам што е вистина. Соиграчите од соблекувалната зборуваа дека келнерка го пронашла пред локалот каде што се случил настанот, Денис лежел на тревата. Наводно таа повикала итна помош. Не знам дали воопшто ќе се игра нашиот натпревар против Бутел, во сабота требаше да им гостуваме“, изјавил Гаџа за „Вечерњи“.

Денис Тот, професионална играчка кариера ја започнал во Ѓаково во Хрватска. Настапувал за Пореч Бјеловар, Брик Австрија од каде заминува за Адемар Леон. Во 2019 година од Шпанија пристигнува во Охрид, а по две поминати сезони, од септември го замени клупскиот дрес на Охрид со оној на РК Бутел Скопје.