„Во Скопје се чувствуваме како да играме на домашен терен“

Романија на стартот на Европското првенство не успеа да направи поволен резултат и забележа минимален пораз од Холандија со 29:28.

Избраничките на Флорентин Пера до речиси самиот крај беа во игра за освојување на барем бод, но грешките во клучните моменти беа причина за поразот од Холандија.

Носителот на играта во репрезентацијата на Романија, Кристина Неагу за романскиот портал „ПроСпорт“ истакна дека заедно со нејзините колешки имале голема поддршка од трибините во дуелот против „лалињата“.

,,Многу сум горда што имаме толку многу навивачи во салата во Скопје, се чувствувавме како да играме дома. Мислам дека бевме многу блиску до реми и сакам да им честитам на моите колешки, бидејќи имаме многу млад тим, кој нема големо искуство за вакви натпревари. Се боревме до самиот крај и можевме да ги освоиме бодови. Да бидам искрена, мислам дека беше и прашање на среќа, бидејќи промашивме на крај, тие постигнаа гол и тоа беше приказната од целата драма. Тоа беше водство од еден гол за нив, но лесно можеше да биде и еден гол за нас или нерешено. За мене беше малку чуден и начинот на судење”, изјави Неагу за романскиот портал „ПроСпорт“.

Следен предизвик за Романија ќе биде дуелот против актуелниот олимписки првак Франција.

Натпреварот меѓу Романија и Франција ќе се одигра утре, со почеток 20:30 часот во СЦ ,,Борис Трајковски”.