„Во Скопје почувствував што значи да се биде спортист“

Рускиот интернационалец во вардаровиот табор, Тимур Дибиров, откри дека по доаѓањето во Скопје сфатил што значи да се биде спортист и да се игра пред полни трибини.

„По првиот меч во Скопје со Металург, на почеток на сезона во СЕХА, во ’Борис Трајковски’ кога одигравме нерешено, бев толку возбуден и толку беше неверојатно чувството. Тогаш се доживеав себе си како спортист и сето она што сум го гледал на ТВ, со полни сали, со поддршка од публика, од фанови, и од тогаш мојата кариера расте секој ден. Во тој момент знаев и никогаш не се посомневав во мојот избор. Сега седум-осум години подоцна и навивачите и публиката ме знаат, но тогаш на почетокот никој не ги знаеше моите квалитети, а реакциите на навивачите ме тераа секој пат да откривам нешто ново за мене, таква емоција ми будеа. И сега е исто, но сега тие точно знаат што може да очекуваат од мене. И да бидам искрен, многу ми недостасуваат тие натпревари со Металург. Толку добив среќа и љубов, од таа емоција од таа тензија која ја имаше во салата на тие натпревари. И не само против нив, туку против било кои, тука цела држава живее за ракометот. Знаете кога имате нешто толку свето, тоа не смее да се загуби, а истовремено е многу потешко да се реновира отколку да се струши и да се почне од почеток и затоа мора да се зачува. Тешко е сега да се игра, поради пандемијата, пред празни трибини. Да ја имавме поддршката од навивачите ќе имавме десет бода повеќе. Тоа што го правам на терен сега, моите соиграчи го гледаат секој ден на тренинг, противниците ме знаат веќе, ме анализираат 10-15 години наназад, но кога има публика на трибини имам дополнителна инспирација да дадам и повеќе од она што можам. Да поттикнам некое дете утре да стане ракометар поради мене, да инспирирам како што тие ме инспирираа мене.“

Подолу прочитајте го интервјуто со Тимур Дибиров…

ИНТЕРВЈУ ТИМУР ДИБИРОВ: Вардар е љубов, ако сè е во ред останувам во Скопје