Ракометарот од Хрватска, Лука Шебетиќ, е уште еден во низата спортисти кои се најдоа среде војната во Украина.
Шебетиќ оваа сезона реши да го засили амбициозниот тим на Мотор од Запорожје и заедно со украинскиот тим имаат добри резултати во Лигата на шампионите и сѐ уште се во игра за пласман во осминафиналето.
Но, со вчерашната агресија од страна на Русија над Украина, амбициите на ракометарите на Мотор паднаа во втор план, односно во заборав.
Десниот бек од Хрватска во разговор за „Спортске Новости“ ја опиша моменталната состојба во Украина.
За потсетување, ракометарите на Мотор веднаш после враќањето од Келце беа први сведоци на воената агресија од страна на Русија. Нивниот авион, кој требаше да слета во Запорожје, беше пренасочен за Киев. При нивното пристигнување на аеродромот во Киев веднаш биле евакуирани. Драмата продолжила кога се вратиле во Запорожје, биле известени дека градот ќе биде ракетиран.
„Игравме натпревар од Лигата на шампионите во Келце, потоа се враќавме дома и некаде над Запорожје, пред да слетаме, светлата на аеродромот само се изгаснаа. Единственото нешто што беше можно во тој момент беше авионот да се врати и да замине за Киев. Кога слетавме таму, за пет минути Путин и објави војна на Украина и во следните десет минути настана темница, аеродромот беше евакуиран, а ние буквално бевме на улица со торби. Авиосообраќајот не постои, клубот бараше автобусот некако да дојде до Запорожје, но Киев беше блокиран, Запорожје исто така. По долго време успеавме, следниот ден без одмор дојдовме во Запорожје да ги спасиме семејствата, да спасиме некои работи, бидејќи во меѓувреме најавија бомбардирање на Запорожје. Моравме да бидеме брзи“, изјави Шебетиќ.
Тој со своето семејство и со тројцата соиграчи, Аиденас Малашинскас, Вјачеслав Бокан и Карлос Морина, својот спас го побарале кон западните граници на Украина.
„Седнавме во три коли, со мене беше целото мое семејство, пред мене Малашинскас и Бокан, зад мене Молина и тргнавме кон напуштање на Украина, но тоа е многу тешко затоа што е воена состојба, се е блокирано и се изгледа доста драматично. Како ќе успееме, дали воопшто ќе успееме, не знам, верувам дека ќе успееме. Сите веруваме. Овде во прашање е жива глава и никој воопшто не размислува за ракометот. И на домашните играчи им е забрането да ја напуштат Украина, па не верувам дека ќе играме до наредно известување. Ова не го очекував ни во соништата, иако ова одамна се подготвуваше и таму на исток одамна се случуваат проблеми. Сè изгледа многу лошо и многу сме загрижени“, заврши Шебетиќ.
Во редовите на Мотор има осум ракометари од странство, меѓу нив се наоѓа и кружниот напаѓач од Русија, Денис Василев.