Поранешниот ракометар на Вардар, Сергеј Горпишин во интервју за „Metaratings“ зборуваше за споредбите со неговиот татко, руската ракометна репрезентација, разликите меѓу Бундес лигата и руската лига, како и за навивачите во Германија, Македонија и Русија.
Горпишин, кој е роден во Германија, најголемиот дел од својата кариера го мина во родната земја.
Првиот интернационален предизвик го направи во Вардар и имаше прилика да ја почувствува ракометната атмосфера во Македонија. Во Вардар играше една сезона, 2019/20, иако имаше потпишано договор на две години.
„Во Германија ми се допадна тоа што 1500-2000 навивачи доаѓаа да навиваат во клубот дури и во Третата лига за викенди. Многу е убаво кога има многу навивачи, кога навиваат гласно. Но, најинтересната публика и понатаму е во Македонија. Има фантастични навивачи, користат пиротехника, клубовите добиваат дури и казни за тоа. Во Македонија навивачите се луди по ракомет“, изјави Горпишин.
По настапите за Вардар, Горпишин се врати во Германија и потпиша за Лудвигсхафен. Моментално е член на рускиот суперлигаш, ЦСКА Москва.