Во ист ден кога тренерот Зоран Кастратовиќ даде оставка и си замина од клупата на Металург, а претседателката Зорица Блажевска обелодени дека долгот на клубот е 140.000 евра и вети дека ќе биде подмирен до крај на годината, кризата удри на уште едно место. Единствениот досегашен начин на комуникација на клубот со јавноста – клупската интернет страница е недостапна, односно не е во функција.
Ако сакате да ги видите информациите за клубот, играчите, резултатите, историјата и сè што досега е постигнато или едноставно да се навратите на некој натпревар, ќе ве дочека информацијата дека страницата е недостапна.
Ако се има предвид дека регистрација, односно продолжување на еден домен чини околу 750 денари, a годишен закуп на интернет простор(хостинг) околу 7000 денари, тогаш само може да се претпоставува каква е финансиската ситуација во клубот.
При проверка кај регистрантите, за доменот на www.rkmetalurg.mk дава информација дека истиот е ИСТЕЧЕН уште на 4 септември 2020 година.
Сега истиот е „влезен во заштитен период“ што значи дека доколку во рок од 120 дена од моментот кога е истечена регистрацијата истиот домен не се обнови, тој ќе стане слободен и ќе може да го регистрира кој сака.
А своевремено Металург беше првиот ракометен клуб од Македонија кој имаше современа, прегледна и постојано ажурирана интернет страница, со сите потребни информации. Како доаѓаше кризниот период полека се намалуваше и интензитетот на користење објава на најважните информации поврзани со работата на клубот.
Металург важеше за еден од оние екипи затворени за јавност, колектив со кој медиумите имаа потешкотии во комуникацијата. Новото раководство се обиде да ја поправи сликата која Металург ја остави кај македонските новинари. Добрата волја немаше соодветна реализација, па само ја потврди очајната потреба од специјалист за односи со јавност.
Сопственикот на Металург во своето портфолио го поседува и дневeн весник, а во време кога Металург е во финансиска криза, помошта од уредништвото кон сестринскиот ракометен колектив можат да чинат многу да се ублажи впечатокот во македонската јавност, без разлика дали информацијата сте ја прочитале во медиум од фејсбук групата на Металург или не.
Клубот заслужува за 7000 денари годишно да продолжи да има своја клупска презентација…