Пикерот на Војвoдина и поранешен репрезентативец на Србија, Растко Стојковиќ во интервју за сајтот на СЕХА лигата раскажа каде од земјите во кои играл се чувствувал најдобро.
Стојковиќ има играно во Србија, Германија, Полска, Белорусија, Израел, секако Бундес лигата оставила најголем траг кај него во поглед на успешност, но животот во Германија воопшто не му се допаѓа.
„Во Германија секако го постигнав најголемиот успех како играч, но начинот на живот во оваа земја дефинитивно не е за мене. Доколку би требало да бирам овој пат ќе ја прескокнам Германија. Што се однесува до Полска, Белорусија и Израел, имам многу пријатни спомени за нив. Поминав многу добро време во Полска, постигнав одлични индивидуални и спортски успеси во Брест, поминав одлично во Израел – покрај морето под сонцето. Да, би се вратил на овие места. Имам многу добри односи со сите клубови и едноставно не можам да ставам еден град или земја на прво место“, рече Стојковиќ.
Последниот клуб во кој играше Србинот пред да се врати во шампионот на Србија, Војводина е Макаби Ришон во Израел и направи споредба на спортот и културата во земјата со европските земји.
„Ракометот во Израел не е толку различен од европскиот поради влијанието на играчите и тренерите од Балканот. Покрај фактот дека фокусот на Израел е повеќе на брзина, трчање и постигнување колку што е можно повеќе голови, не постои значителна разлика во тактиката или техниката. Тие инвестираат многу и напорно работат за да ја следат Европа во овој аспект, затоа што тие го прифаќаат нашиот стил на ракомет. Тренерите што работат во Израел се Балканци или Скандинавци, и со нивна помош во одреден момент тие достигнаа ниво на некои европски лиги и тоа ме прави среќен“, заврши Стојковиќ.