„Во Вардар сите сакавме титула, но не игравме една за друга!“

Како и неколкуте екс-вардарки со кои разговарав во претходните месеци, така и Ања Алтхаус во викенд-интервјуто потврди дека во ЖРК Вардар недостасувал тимскиот дух и системот, и дека тоа е главната причина што на ниту еден од петте Ф4 во Будимпешта на кои играа не дојдоа до титулата.

„Ѓер беше мотор во кој беше многу лесно да се вклопиш. Само влегуваш со својот квалитет во него, имаше основа и имаше систем. Кога дојдов во Вардар многу ми беше тешко да се адаптирам, не го најдов своето место од прва, дури почнав и да се сомневам во себе, затоа што немаше основа, а немаше ниту кој да ја изгради основата поради константната промена на тренери. Во Ѓер играше тимот, не беше важно кој ќе постигне гол, важно беше да се даде голот и тимот да победи. За споредба кога го игравме последното финале со Вардар против Ѓер во ЛШ мечот отиде во продолжение и на тајм-аутот на лицата и во очите на сите се гледаше паника, недоверба и страв. Кога и да погледнев на клупата на Ѓер ја гледав Аморим како се смее, цело време се смееше. Тоа толку ме нервираше, не можев да разберам како може да се смее во толку напнат меч и тоа ме правеше дополнително агресивна. Се чудев како може да се толку самоуверени и среќни… Година дена подоцна финалето ми беше како дежа ви, само што овојпат го носев дресот на Ѓер и се случува истото – финале со Вардар и одиме во продолженија и си велам ова е лудило. На тајм-аут ги гледам соиграчите и одново сите се смееја, сите си даваа поддршка, како ’Ајде го можеме ова, го правиме заедно, продолжете да се смеете, едноставно е и ќе успееме’. И во тој момент сфатив ова е тим кој се бори еден за друг, и тоа беше разликата. Во Вардар сите како стравот и несигурноста да ја изразувавме преку викање, кое мислевме дека е поддршка, но всушност не помагаше.. За мене тоа е разликата зошто Вардар никогаш не ја освои титулата. На тоа последно финале меѓу Вардар и Ѓер, никој не ни знаеше дека Аморим имала дислокација на прстот на шутерската рака на сред натпревар, дури и ние соиграчите дознавме по мечот. Медицинскиот тим интервенирал и таа играше, постигнуваше луди голови, даваше поддршка… Тоа е тој тимски дух и тоа е она што освојува титули. Не беше важно кој игра, ние другите игравме со него од клупата, а тоа е нешто што го немавме во Вардар. Никогаш нема ништо лошо да кажам за ниту една вардарка затоа што како тим сите ние, а и секоја од нас индивидуално сакаше да ја освоиме Лигата на шампионите, но ја немаше таа атмосфера која ја доживеав во Ѓер. Истовремено во Вардар ја немавме ни основата која на пример ја имаа мажите со Раул. Велат полесно е да освоиш ЛШ кај жените, ќе направиш тим од најголемите ѕвезди, но Вардар е доказ дека не е се во парите. Дека треба време и треба систем. Првите две европски титули ги освоив со Виборг каде играв со сестрите Лунде, со Бојана Поповиќ,… дрим-тим, но имаше систем и секој си го знаеше своето место. Во ЖРК Вардар го немаше тоа. Ја немаше базата на која ќе изградиме нешто и која ќе не донесе до титулата. И на крајот тука беше и фактот дека секоја сакаше да даде гол и да биде таа што ќе ја донесе победата.“

Во продолжение прочитајте го интервјуто до Алтхаус…

ИНТЕРВЈУ АЊА АЛТХАУС: Се восхитувам на страста, љубовта и талентот кои ги има македонскиот ракомет