Четири екипи ќе се борат за трофејот на четвртото издание на меморијалниот турнир „Гоце и Томе“ на 27 август. Во салата „Млаз“ во Богданци, ќе играат кадетските екипи на домаќинот Младост Богданци, Голден Арт, КЛ7 Алкалоид Свети Николе и Куманово.
Полуфиналните двојки ќе бидат познати дополнително, а натпреварите ќе се играат од 10:30 часот и 12:15 часот, додека од 17:15 часот е мечот за трето место и финалето од 19:00 часот. Минатата година трофејот го освои екипата на Бутел Скопје.
Ова е четврто издание на меморијалниот турнир „Гоце и Томе“, кој се игра во чест и сеќавање на сега покојните – тогашен претседател Гоце Петрушев и секретар Томе Лисичков.
Со нивно раководство се постигнати најголемите успеси на Младост во минатото. Најголеми меѓународни успеси се четвртфинале во Купот на победници на купови со францускиот Иври во сезона 1996/97 и неколку пласмани во осминафинале во Купот на ЕХФ и Челинџ купот.
Според резултатите на меѓународен план, Младост Богданци е четврта екипа во Македонија на сите времиња, зад Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер. Моменти кои ќе останат во вечно во сеќавање се сензационалната победа против Морнар Бар, кога во Богданци беа анулирани 13 гола негатива од првиот натпревар, елиминацијата на Мославина Кутина со гол на Јарослав Сичов во последната секунда, нерешениот резултат против Сиудад Реал во Шпанија и многу други…