„Во Битола има фанатична публика, ќе биде многу бучно во салата“

Екипата на Еурофарм Пелистер денес пред својата публика ќе го пречека дански Архус во рамки од првото коло од Лига на Европа.

Данскиот тим во Битола ќе атакува на победа и ќе се обиде да има победнички старт во второто по ранг европско натпреварување.

Тренерот на Архус, Ник Расмусен имаше пофални зборови за македонскиот вицепрвак и истакна најголем акцент ќе стават на двајцата кружни напаѓачи од составот на Валтер, Жарко Пешевски и Денис Василев. Расмусен знае дека неговата екипа ќе игра пред фантастична атмосфера во Битола.

„Во Битола не очекува многу возбудлив натпревар. Еурофарм Пелистер е екипа која е многу физички подготвена. Имаат квалитетни играчи на пикерската позиција, кои не само што постигнуваат голови, туку се навистина добри и во одбраната. Доколку сакаме да ги добиеме бодовите, ќе треба ја контролираме нивната игра. Исто така, битолската публика е навистина фанатична и секогаш е најголемата поддршка на тимот. Ќе биде доста бучно во салата, па мора добро да комуницираме меѓусебе. Во голема мера се фокусираме на работите во кои треба да бидеме добри. Тимот со нетрпение го очекува првиот меѓународен натпревар”, изјави Расмусен.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Архус ќе се игра во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток од 20:45 часот.