Актуелниот шампион на Србија, Војводина продолжува да го склопува играчкиот мозаик, со цел да ја одбрани шампионската титула, но и да го врати Куп трофејот во свои раце.
Раководството на тимот од Нови Сад за продолжението од сезоната се засили со нов ракометар. Станува збор за искусниот лев бек Миљан Пушица, кој по четири сезони поминати во Бундес лигата реши да се врати во Војводина.
Пушица во текот на 2014 година го направи првиот интернационален трансфер и од Војводина замина за полскиот вицепрвак Висла Плоцк. Дресот на Висла Плоцк го носеше три сезони и по завршувањето на договорот со клубот од Полска се пресели во Бундес лигата, поточно во тимот на Минден.
Искусниот ракометар со селекцијата на Србија настапи на Европското првенство во 2016 и 2020 година. Во својата кариера настапуваше и за неговиот матичен клуб Црвена Звезда.
Војводина за оваа сезона ангажираше низа засилувања, пристигнаа Борис Пуховски, Милан Милиќ, Милош Грозданиќ, Живан Пешиќ, Марко Васиќ, Фран Лучин, Марин Бунета, Идрис Идриси…