Во интересен натпревар кој беше одигран во салата „Јасмин“ во Кавадарци екипата на ГРК Тиквеш дојде до тешка победа против Прилеп со 29:28.
Од почетокот на средбата резултатот беше неизвесен. И едниот и другиот состав имаа свои моменти, но никој не успеваше да направи поголема предност.
Во првото полувреме и двете екипи се менуваа во водство. Прилеп беше во предност од 6:4 после десетина минути игра, а потоа и од 7:5, но домашните се вратија и во финишот на првото полувреме се влезе во игра гол за гол во која нијанси беа во прашање кој ќе отиде на паузата со предност.
На одмор резултатот беше 15:15, а потоа следуваше игра во која секој напад беше максимално важен. Речиси постојано тимот на Тиквеш беше во водство од гол до два, но гостите се враќаа во ритам и израмнуваа. Се играше средба со многу резултатска тензија, а како се движеа работите беше јасно дека една топка ќе решава многу на овој дуел.
Постојаната неизвесност остана до крајот од натпреварот. Кавадарчани не искористија напад за да дојдат до два гола разлика и до победа, па беше јасно дека во последниот напад тимот на Прилеп ќе може до реми.
После тајм-аутот на 15 секунди до крајот гостите се прекомбинираа, а последниот шут го имаше Гавашелишвили и тоа после истекот на времето. Тој не успеа да реализира, па победата остана за домашниот тим кој останува лидер на табелата во плеј-аут лигата.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ПЛЕЈ-АУТ
ТАБЕЛА