Со голот кој го постигна Емилијан Ѓорговски во последните секунди од средбата тимот на КЛ 7 дојде до првиот бод во суперлигашка конкуренција на гостувањето кај Струга. Домашните имаа 23:21 на две минути до крај, но не успеаја да издржат, па бодовите беа поделени со резултат 23:23.
Од почетокот на средбата се влезе во неизвесност. Домашните први поведоа со 2:0, но следеше реакција од ракометарите на КЛ 7 кои со 3:0 го презедоа водството. И двете екипи делуваа подобро во одбраната уште од стартот и тоа носеше малку голови.
Практично се играше постојано гол за гол, а најмногу што некој тим успеа да направи беше да стигне до два гола позитива така што ова носеше уште повозбудливо продолжение на средбата.
Резултатската тензија траеше цело време. Продолжи и до крајот на првото полувреме, а откако КЛ 7 поведе со 6:4 и потоа со 8:6 предноста беше загубена, па на одмор гостите заминаа само со еден погодок разлика, 9:8.
Играта која што беше прикажана во првото полувреме беше пренесена и на стартот од вториот дел. Одново се играше со резултатска тензија и постојано се бараше игра за гол повеќе. Имаше пресврти, но никој не можеше на поголема позитива односно на разлика која ќе донесе простор за мирна завршница.
Кога и да успееше некој да поведе редовно се случуваше противникот во следниот или нападот после него да израмни. Тешко се содаваше шанса за погодок така што нијанси пресудуваа каде ќе заминат бодовите на овој натпревар.
Максимално интересни беа последните две минути кога и двете екипи имаа можност да обезбедат триумф. Струга поведе со 23:21, но потоа имаше грешки кои беа казнети од младите ракометари на КЛ 7. Точка на средбата на неколку секунди до крај стави Емилија Ѓорговски, кој погоди од десетина метри за нерешени 23:23 и голем бод за дебитантот во Супер машката лига.
Ова воедно беше и прва средба сезонава на која стружани немаат цел плен бидејќи на претходните дуели редовно доаѓаа до победа.