Води две репрезентации на ЕП – со едната стигна до медал, но и со другата добро му оди!

Селекцијата на Унгарија е едно од изненадувањата на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска. Иако настапува без играчи од типот на Бодо, Лекаи, Часар, Јухас…сепак обезбеди место во главната рунда и тоа со два бода по победата над Исланд.

Иштван Гулјаш e селекторот кој со помош на Чема Родригез ги водеше Унгарците до победи над Русија и Исланд, и до реми со Данска. Покрај оваа функција, тој ја извршува и селекторската функција во селекцијата на ракомет на плажа. Со тие момци, Гулјаш освои бронзен медал на последното ЕП.

„Ова за мене е интересна ситуација. Репрезентацијата во ракомет на плажа ја водам веќе четири години и што се однесува до мене, не би имал проблем и во иднина да биде така, да ги водам двете репрезентации. Можеби би побарал помош ако некогаш имаме активности во исто време“, изјави Гулјаш.

Унгарија сега ќе се соочи со Словенија, Шведска, Норвешка и Португалија во главната рунда на Европското првенство.