Водечкиот тим во плеј-офот во Првата лига, Алкалоид ја продолжи победничката серија откако на домашен терен без никаквни проблеми славеше убедлива победа против Вардар Неготино со 33:21.
Домашниот тим кој беше голем фаворит на овој дуел ја оправда улогата и после само петнаесетина минути игра го реши победникот кога поведе со двоцифрена разлика од 13:3. До крај на првиот дел продолжи доминацијата и Алкалоид имаше предност 21:10 на паузата.
Второто полувреме беше формалност, Алкалоид со рутинска игра го приведе мечот до крај за сигурна победа. Со овој триумф водечкиот тим се зацврсти на првото место на табелата.
Најефикасни во победничкиот тим беа Мартин Серафимов, Игор Ѓоргиев и Мартин Димовски со по шест погодоци. Во екипата на Вардар Неготино најефикасен беше Петре Пеовски со осум гола.