Влегоа во квалификациите како замена, го имаат најдобриот стрелец, ги води екс вардарец и за првпат ќе играат на ЕП!

Покрај јужниот сосед на Македонија и Фарски Острови, трет дебитант на Европското првенство ќе биде селекцијата на Грузија. По многубројните неуспешни обиди во претквалификации и квалификации по независноста, Грузија обезбеди историски настап на следниот континентален собир.

Сепак и оваа кампања почна неуспешно, со елиминација во претквалификациите за ЕП 2024 година. Но по исклучувањето на Русија и Белорусија, ЕХФ ги вметна Грузија и Луксембург во квалификациите.

Во групата со Унгарија, Швајцарија и Литванија, Грузијците го освоија третото место, а клучна беше победата на гости кај Унгарците.

Од клупата ги води некогашниот играч на Вардар, Тите Каландадзе, додека во играчкиот кадар повеќе од половина играчи играле или во моментов играат во македонскиот шампионат.

Тука се голманот Зураб Цинцадзе и левото крило Хазеин Рустамов од Охрид, како и левиот бек од Прилеп, Мириани Гавашелишвили. Потоа екс десниот бек на Струга, Гиорги Дикаминџија, некогашниот среден бек на Металург, Иракли Кбилашвили, како и екс членот на Прилеп и Еурофарм Пелистер, Теимураз Орјоникдзе.

Грузијците го имаат и најдобриот стрелец во квалификациите за ЕП 2024, а тоа е десниот бек на Монпелје, Гиорги Сковребадзе, кој постигна 42 погодока.

Грузија ќе биде дел од четвртиот шешир пред ждрепката на 10 мај и е потенцијален ривал на Македонија на ЕП 2024 година.

Чантурија горд на успехот на Грузија: Спортски е да се надеваш до крај, чудото се случи!