На последната седница на Владата на Македонија што беше одржана вчера, беше донесена одлука што би можела да биде нов финансиски удар за клубовите. Сите инволвирани во натпреварите, ќе мора да направат ПЦР тест пред секој натпревар, независно за која конкуренција се работи.
Пред стартот на сезоната исто така беше донесена ваква одлука, но потоа истата беше променета и само дел од актерите на теренот правеа тестирања пред секој меч.
Уште една одлука на Владата, која беше потврдена и во Службен Весник е дека можат да се играат натпревари и во младинските конкуренции, но и тука важи истото правило – дека сите актери на теренот ќе мора да бидат тестирани пред секој меч.
„Исклучок се донесува и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите“, се вели во одлуката.
Ракометната федерација пред стартот на сезоната на свој грб го презема тестирањето и ги ослободи клубовите од дополнителни трошоци. Но малку е нејасна ваквата одлука на Владата пред крајот на спортската сезона, кога голем дел од клубовите веќе го „прележаа“ вирусот, ги завршија европските активности и имаат за играње уште по неколку меча.
Што се однесува до младинските лиги, се уште не е јасно дали и кога ќе започнат натпреварите, но со оглед на краткиот период до крајот на сезоната, веројатно во сите конкуренции би имало турнирски систем на натпреварување.