Вардар стартуваше со реми кај Елверум и две победи на домашен терен против Алборг и Мешков во новата сезона од Лигата на шампионите.
Потоа колата тргна низ брдо. Беа забележани седум порази во серија. Кил и Монпелје заминаа со цел плен од Скопје, беше доживеан пораз и кај Алборг, а двапати подобар од Вардар беше и унгарскиот шампион ПИК Сегед.
Ако поразот кај Кил на гости беше очекуван, сепак добрата игра остави надеж за бодови кај Загреб. Вардар и тука беше блиску, но во финишот попушти и повторно остана со празни раце.
Оваа сезона, Вардар по 16. пат е дел од елитното натпреварување, а во досегашните учества (независно дали во група со 4, 6 или 8 екипи), ниту еднаш немал седум порази во серија.
Во сезоната 2009/2010, македонскиот првак беше во група со Колдинг, Цирих, Адемар Леон, Кил и Загреб. Славеше само против Цирих и одигра едно реми, а имаше осум порази во десетте меча, но тие не беа во серија.
Сега ниту местото во елиминациите не е сигурно, а дали во меѓусезоната ќе има промени во стручниот штаб или играчкиот кадар, останува да видиме.