Машката младинска репрезентација на Македонија, го загуби последниот натпревар од групната фаза од Швајцарија со убедливи 31-14. Со овој пораз, Македонија заврши на четвртото место во групата поради послаба гол разлика од Украина и ќе разигрува за пласман од петто до осмо место на ЕХФ шампионатот во Варна.
Швајцарија поведе со 1-3 и 2-4, но следуваше серија одбрани на Галевски и погодоци на Македонија, па нашите ракометари го имаа првото и последно водство на овој натпревар, 5-4, по десет минути игра.
Потоа следуваше лоша игра на избраниците на Бранко Ангеловски. Пречки, стативи, промашени седмерци и пост од 12 минути без гол! За тоа време Швајцарија погоди пет пати, ја презема контролата на теренот и поведе со 5-9.
Димевски со гол во 22 минута намали на 6-9, но уште една „црна дупка“ во македонската игра и до крајот на првото полувреме, Швајцарија погоди уште три пати за убедливи 6-12 на пауза.
Со само еден гол за дваесетина минути, Македонија немаше што да бара на овој натпревар. Второто полувреме беше чиста формалност, ривалот веќе на стартот се одлепи на плус седум, 10-17, па македонскиот селектор им даде шанса на ракометарите од клупата.
Нашата селекција остана без Теодор Тодески, кој доби три исклучувања и црвен картон, па бевме лимитирани и во шутот од далечина. До крајот и составот на Швајцарција се измеша, но немаше големи промени на резултатот.
Македонија промаши дури четири пенали, реализираше само 14 гола од 49 напади, а ударната бековска двојка Тодески и Иваноски, погоди 5 пати од 20 обиди! Од крило реализиравме само еднаш, додека од пивотменската позиција немавме ниту еден обид за цел натпревар.
Македонија в сабота ќе игра против Луксембург, Литванија или Велика Британија, а в недела во зависност од резултатите на другите натпревари ќе одигра уште еден натпревар што ќе го одреди конечниот пласман.