Висока победа на Куманово, Кузман Вардар постигна два гола за полувреме

Ракометарките на Куманово имаа супериорно издание против екипата на Кузман Вардар Илинден и остварија многу убедлива победа од 44:8. Со овој триумф водечкиот тим на табелата го задржа перфектниот учинок.

Куманово беше голем фаворит и сè друго освен висока победа ќе беше големо изненадување на овој натпревар. Куманово одигра многу квалитетно прво полувреме во кое му дозволи на противникот на постигне само два гола. По првиот дел домашната екипа имаше водство 24:2.

Немаше дилеми околу победникот на дуелот, само беше неизвесна разликата и конечниот резултат. Во тимот на Куманово сите ракометарки добија шанса и се запишаа во листата на стрелците.

Најефикасна беше Ана Шарановиќ со осум погодоци, Мила Трајковиќ беше втор стрелец со шест гола додека пет постигна Ангела Јанкуловска. Во тимот на Кузман Вардар Илинден по два гола постигнаа Анастасија Ѓорѓиева, Мила Филипова и Матеа Спасовска.