Висла Плоцк потврди – Јашухира оди во Вардар!

Полскиот вицепрвак Висла Плоцк потврди дека јапонскиот среден бек Косуке Јашухира е нов член на Вардар за следната сезона.

Како што најави 24Ракомет пред десетина дена, Јашухира ќе ја засили средната бековска позиција во „црвено-црниот“ тим за домашните и меѓународните настапи.

„Ќе ја минам следната сезона на позајмица од Висла Плоцк во Вардар. Сигурен сум дека ќе стекнам големо искуство и ќе се вратам посилен. Се гледаме пак“, им порача Јашухира на полските фанови.

Претходната сезона Јашухира беше дел од францускиот Ним како „медицински џокер“ и настапуваше за овој тим во Лигата на Европа, додека во домашниот шампионат на 13 меча даде 13 погодоци.

Станува збор за експлозивен среден бек со голема брзина, за кој играњето во Вардар би било трето искуство во Европа по Полска и Франција. Тој потекнува од јапонскиот состав Нипон Универзитет.

Претходно Вардар се засили со крилото Марко Срдановиќ, бековите Нилтон Мело, Стефан Петриќ и Ансер Родргиес.

Јапонецот има договор со Висла Плоцк до 2025 година.

Вардар со ново засилување – донесе јапонски среден бек!