Големата ѕведа на ракометот од Шведска во последната деценија од минатиот век, Магнус Висландер секогаш е во центарот на вниманието кога има големо натпреварување, а овој пат тој има свое видување и коментар за играта 7 на 6.
Веќе подолго време има коментари за оваа игра која стана особено популарна и кај нас во времето на Лино Червар.
„Никогаш не ми се допаѓала играта 7 на 6 и никогаш нема ниту да ми се допаѓа. Мислам дека ова го ограничува ракометот. Како поранешен играч и сега како тренер јас не сум заинтересиран да го играм. Ако ја загубите топката во напад, тогаш ќе добиете фрлање преку целиот терен во празниот гол. Ова не е она што сакате да го видите од ракометот, нели? Не сметам дека ова е развој на ракометот. Се надевам дека правилата ќе се променат и ќе се воведе временско ограничување за користење на играта 7 на 6. На пример, таквата игра да може да се користи најмногу пет минути на натпревар“, вели најдобриот ракометар на 20. век, Магнус Висландер.
Што ќе се случи во однос на оваа игра ќе покаже времето, но дефинитивно веќе има многу кои се и против и се крева гласот против користењето на оваа игра за време на натпреварите.