Хрватскиот првак Загреб очекувано загуби на стартот од Лигата на шампионите против Кил. Германскиот првак победнички се враќа од гостувањето во Хрватска со висока разлика, уверлива игра и конечна победа од 30-23. По низата пехови и повреди минатата сезона Винчек на стартот на оваа покажа дека годините и повредите се само минлива бројка, класата останува.
Уште од самиот почеток избраниците на Голужа им дозволија на германските ракометари да создадат комотна предност, која по 5 минути игра беше претставена со 1-5 на семафорот. Кога веќе го наметнаа темпото и играта, бундес шампионите го прегазија противникот. На средина на првиот дел изградија висока разлика од девет голови (14-5) која беше доволна за рутинирани два бода од првото коло во елиното натпреварување.
Загреб се обидуваше да се врати во игра или бар да го намали високото водство на противникот но до паузата успеа да намали дел од негативата, која му донесе на Кил предност од 16-9 по првите триесет минути.
На натпреварот официјално дебитираше и довчерашниот вардарец Куни Моралес, но ниту тој ниту шампионските крила Чупиќ и Дибиров не успеаа да го извадат Загреб на вистинскиот колосек на овој дуел.
Кил продолжи да ја контролира играта и во вториот дел. Веднаш на стартот на вторите триесет минути ја врати највисоката разлика, сепак не успеа да ја надмине двоцифрената граница. Загреб во последниот налет за избегнување на срамен пораз намали дел од високата разлика, а најблиску беше во 53. минута при резултат 21-26, но тука се истрошија силите за нешто повеќе.
Популарните „зебри“ стиснаа гас во финишот и покажаа како се одржува веќе добиен меч. Ја зголемија предноста на седум голови и разликата ја задржаа до самиот крај за конечни 23-30.
Винчек со 8 и Билик со 5 голови ја предводеа листата срелци за Кил, а ги следеа Јохансон и 19-годишниот Фауст со по 3 погодоци. Кај искусниот состав на Загреб, Дибиров беше најефикасен со 4 голови, а по 3 прецизни удари имаа Куни, Срна и Чупиќ.