Покрај „вечното дерби“ меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, претстојниот викенд ќе се одиграат уште три дерби натпревари кои се очекува да донесат возбудувања.
Во Суперлигата покрај двобојот меѓу „црвено-црните“ и битолчани, што е не програмата в недела во СЦ „Јане Сандански“ од 18:00 часот, интересен дерби дуел ќе се игра и во Автокоманда.
Во сабота од 18:00 часот, силите по вторпат во седум дена ќе ги одмерат новиот суперлигаш Алкалоид и Бутел Скопје. Ако судиме според Куп дуелот, кој Алкалоид го доби со гол во последната секунда, веројатно и сега ќе гледаме сличен натпревар неизвесен до самиот крај.
Кај дамите исто така не очекуваат две дерби пресметки. В сабота од 15:00 часот во Автокоманда ќе се сретнат поранешните шампиони Металург и Куманово, додека истиот ден во 19:00 часот во салата „Христо Батанџиев“ копјата ќе ги вкрстат Ѓорче Петров и Вардар.
Ако на овие средби се додадат и останатите од суперлигашкиот плеј-оф и плеј-аут, како и средбите Аеродром – Кичево, Драчево – Македонија Ѓорче Петров, Голден Арт 2 – Младост Богданци од прволигашкиот плеј-оф, тогаш јасно е дека не очекува викенд полн со интересни натпревари на домашната сцена.