Веспрем со пресврт до триумф, ПСЖ остана со празни раце

Ракометарите на Веспрем ја отворија новата сезона во Лигата на шампионите со триумф над големиот ривал ПСЖ со 34-31. Избраниците на Момир Илиќ иако беа во подредена ситуација во поголемиот дел од второто полувреме, сепак на крајот собраа сили да трииумфираат над искусниот гостин.

Скоро цело прво полувреме се играше израмнет натпревар, гол за гол, но во последните пет минути, по 12-12, гостите преку Кристопанс, Конку и Сипжак се одлепија на плус четири, 12-16. На пауза се замина со 13-17 за ПСЖ, откако Стеинс погоди во завршните моменти.

По пет минути игра во второто полувреме преку одличниот Штрлек, Веспрем се доблиижи на минус еден, 18-19, но неколку брзоплети напади, исклучување на Благотинштек и ПСЖ повторно беше на навидум сигурнни, 20-24.

Ненадиќ предводеше нова серија на домашните и по 24-26, унгарскиот првак направија предност од плус два, 28-26, откако и Коралес одлично се покажа на голот. Пранди и Кристопанс набрзина израмнија на 28-28, но следуваа две грешки на ПСЖ и Веспрем имаше 31-28.

До крајот само рутински домашните ја задржаа предност и ПСЖ мораше да си замине со празни раце. Најдобри стрелци кај Веспрем беа Јахја со девет и Штрлек со осум гола, додека Манасков немаше погодоци, а голманот Коралес запре 14 удари. Кај ПСЖ, Хансен даде шест, а Лука Карабатиќ пет гола.