Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник загуби во претпоследниот натпревар од регуларниот дел на сезоната во регионалната СЕХА лига. Битолчани беа поразени од Веспрем со убедливи 35-24, кој се одмазди за високиот пораз на првиот натпревар.
Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога домашниот тим го доби со 17-10. Веспрем поведе со 6-0 на стартот, но Еурофарм набрзина се врати на 6-3. Во продолжение намали и на 9-7, но по голот на Петровски за 13-10 во 24. минута не погоди до крајот на полувремето.
Кризата продолжи и на стартот на вториот дел, Дејвис не ги штедеше најдобри ракометари кои донесоа дури плус 13 за Веспрем, 28-15. До крајот немаше никакви дилеми околу победникот, па само се чекаше разлика со која ќе победи домашниот тим.
Најдобри стрелци кај Веспрем беа Гајиќ и Нилсон со пет голови, како и Штрлек, Манасков и Борозан со по четири, додека Петровски постигна четири за Еурофарм. За македонскиот тим останува да го одигра уште натпреварот против Спартак Москва на гости.