Ракометарите на Веспрем имаа тешко гостување во Украина кај Мотор Запорожје во рамки на 3. коло од Лигата на шампионите. Дејан Манасков и колегите предводени од Давид Дејвис забележаа многу тешка победа од 37:34, а по првите 30 минути имаа негатива од еден гол, 18:17.
Натпреварот започна израмнето. Мотор отвори со 1:0, а потоа Веспрем поведе со 2:1. Најчесто беше гол предност во корист на гостите, а Мотор не дозволуваше фаворитот да се одлепи. Во последните минути од првиот дел минималното водство го преземаа домаќините и на полувреме заминаа со предонст од 18:17.
И на почетокот на вториот дел Мотор играше цврсто и го одржуваше водството десетина минути, во два наврати имаа и два позитива 21:19 и 22:20. Ненадиќ и Мораеш во 40. минута за првпат донесоа предност за Веспрем во вториот дел. До крајот на дуелот унгарскиот тим сигурно го сочува водството, а имаше највисока предност од три гола и стигна до многу тешка победа.
Дејан Манасков за Веспрем постигна еден погодок, а најефикасен беше Петар Ненадиќ со десет гола. Мораеш погоди шестпати, а Борозан петпати. Во тимот на Мотор Запорожје најефикасен играч беше Козакевич со осум гола, а по шест постигнаа Бокан и Хориха.