Дневниот спортски весник од Шпанија „Ас“ направи избор на најдобрите ракометари на сите времиња, а во овој избор се најдоа доста познати имиња на ракометот во последните 40 години.
На врвот на листата се најде добро познатиот пивот од Шведска, Магнус Висландер кој беше еден од најдобрите во составот на „викинзите“ во еден добар период. Зад себе има 13 медали со репрезентацијата на Шведска, од кои шест се златни.
Зад него е актуелниот тренер на Келце, Талант Душебаев кој во минатото освојуваше медали како репрезентативец прво на СССР, а потоа и на Шпанија. Тој е еден од ретките кои успеале да дојдат до победа во Лигата на шампионите и како играч и како тренер.
На тронот на третото место заврши легендата на ракометот во поранешна Југославија и поранешен тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ. Тој беше лидер на тимот на Металопластика во најдобрите денови на клубот кога двапати беше освоена титулата во КЕШ во 1985 и 1986 година, додека во 1991 година истото го повтори со Барселона. Како репрезентативец на Југославија има трофеи и од Олимсписките игри и од Светските првенства.
Во топ 10 се најдоа уште неколку доста познати имиња. Место меѓу најдобрите десет имаше за: Ерхард Вундерлих (Германија), Ивано Балиќ (Хрватска), Никола Карабатиќ (Франција), Василе Стинга (Романија), Алберто Ентрериос (Шпанија), Џексон Ричардсон (Франција) и Јон Кјунг Шин (Кореја).