Ракометарите на Шампион ја обезбедија втората победа во оваа сезона откако на свој терен беа подобри од Партизан со седум гола разлика, 32:25, во натпревар од 16. коло од Првата лига во Групата А.
Воведниот дел од натпреварот, како и првото полувреме, мина во израмнета борба на двете страни. За седум минути игра, двете екипи постигнаа по три погодоци. По нерешениот резултат од 3:3, дојде до мал пад во играта на Шампион. Гостинската екипа преку Башов и Лисичков oбезбеди водство од 5:3.
Со иста мера одговори и домашната екипа израмнувајќи го резултатот на 5:5. До крајот на првото полувреме се играше во егал бидејќи ниту една од двете екипи не успеа да направи поголема предност од еден, односно два гола разлика.
Шампион во последниот дел од првото полувреме при резултат од 11:11, го презеде водството и поведе со 12:11, но гостите од Гевгелија со погодоците на најекспонираниот, Лисичков, покажа подобра игра во последните минути и на полувреме замина со минимална предност од 14:13.
Партизан во второто полувреме беше во водство до 36. минута. Од тој период, па сѐ до самиот крај, Шампион полека ја градеше својата предност. На сцена настапи ракометарот од домашниот состав, Велјановски, кој со своите шест погодоци во второто полувреме, беше најзаслужен за победата на неговиот тим.
Гостинската екипа влезе во сериозна резултатска негатива и немаше доволно сили за камбек. Шампион рутински ги одработи последните десет минути и успеа да стигне до втората победа во оваа сезона.
Најефикасни во редовите на Шампион беа Христијан Сибиновски со девет и Александар Велјановски со седум погодоци. Во поразениот табор листата на стрелци беше предводена од Горан Лисичков, кој постигна десет погодоци.