Ракометарите на Тиквеш по двете победи против Еурофарм Пелистер 2 и Аеродром, ги очекува третиот натпревар од Супер лигата против екипата на Струга.
Голманот Марјан Велков вели дека победничката серија може да продолжи и в недела пред полната сала „Јасмин“ да биде прославен третиот триумф.
„Мислам дека тргнавме добро оваа сезона и сметам дека може да продолжиме во истиот ритам. Тренираме напорно, се спремаме натпревар по натпревар, а најважно е да нема повреди и полека да го креваме нивото и квалитетот на играта. Имаме нови играчи, сето тоа треба да се вклопи, но мислам дека може да продолжиме во победнички ритам и играта ќе ни оди во нагорна линија“, вели Велков.
Следен ривал на кавадарчани ќе биде Струга, која има комбинација од младост и искуство во тимот.
„Струга е квалитетна екипа, комбинација на младост и искуство. Сепак Тиквеш игра на домашен терен и ние сме фаворити. Очекуваме добар натпревар, добра игра меѓу двата тима и се надеваме на наша победа“, продолжи Велков.
Велков оваа сезона брани во тандем со српскиот чувар на мрежата Јанко Гемаљевиќ.
„Оваа сезона имам нов колега меѓу стативите. Добар како човек, имаме одлична соработка, двајцата се надополнуваме, си ги кажуваме добрите и лошите страни, иако сме само еден месец заедно. Од големо значење е за двајцата и за тимот да имаме одлична соработка“, вели Велков.
Тиквеш секогаш има поддршка од „Лозари“.
„Не е за џабе кажано дека навивачите се осми играч. „Лозарите“ се секогаш со нас во тешките моменти и фала им од срце за тоа. Многу ни помага нивното присуство кога не оди најдобро на теренот. Мене ме носи таа атмосфера и ми дава ветар во грб, јас сум сепак домашен играч и драго ми е што имаме таква поддршка кога играме во „Јасмин“, заврши Велков.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Струга се игра в недела во салата „Јасмин“ со почеток во 18:00 часот.