Екипите кои се натпреваруваат во Првата машка лига викендов нема да ги играат своите натпревари со оглед на тоа што и понатаму не ги имаат добиено ваучерите кои им беа ветени. Претставникот на ракометните клубови кои се дел од оваа лига викендов нема да ги играат средбите, а најверојатно нема да ги играат и средбите од младинските лиги.
„Проблемот со доделување на ваучерот односно изостанувањето на целата процедура која ни се ветуваше во последните неколку месеци. Во минатите неколку денови бевме сведоци на политиучка сапуница каде што спортот се искористи за една алатка за пазарење. Ова е последното нешто кое можеме ние да го направиме и да апелираме до политичките партии дека е враме да го ценат она што се случува во спортот. Се надевам дека ќе бидат брзи со оглед на тоа што сите сме на работ на егзистенција и од утре не сме во можност да играме во Првата лига, а ќе направиме и бојкот во младите категории. Се надевам дека нема да го срушат сонот на децата кои се дел од овој спорт“, изјави Дарко Петровски, кој е претставник на ракометните клубови.
Тој надополни дека имале состанок со Агенцијата за млади и спорт заедно со претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, но дека ветувањата не биле испочитувани.
„Имавме состанок со претставници на Агенцијата за млади и спорт заедно со Мукаетов. Ветувањата не беа исполнети. Мукаетов се обиде со намалување на таксите за судии и делегати да се обидеме да продолжиме со натпреварување. Очекуваме да ги добиеме ваучерите за да можеме да ги реализираме до крајот на годината. Решени сме да не се настапува во Првата лига и во конкуренција на пионери, кадети и младинци до крајот на првенството ако нема нешто ново во однос на ваучерите“, коментираше Петровски.