Василе: Во Скопје нема да играме опуштено

Женската репрезентација на Романија славеше убедлива победа над Македонија со 33-22 во првиот бараж меч за Светското првенство во Шпанија следната година.

Селекторот на Романија, Ади Василе е задоволен од триумфот, но посакува уште еден триумф во Скопје.

„Среќен сум поради победата, ова ни требаше навистина за да можеме да се вратиме на вистинската патека по неуспехот да обезбедиме место на ОИ. Ние сме на почетокот на патот, но ова е добар старт и горд сум на тоа. Ова беше важна победа за нас. Првиот натпревар нема никаква врска со вториот во Скопје и никој од нас не треба да се чувствува опуштено поради тоа што имаме предност од 11 погодоци. Секој натпревар е посебен. Спортот не е за релаксација и комфорт, па ако мислите дека натпреварите се добиваат пред да почнат, тогаш грешите. Мораме на реваншот да бидеме уште подобри отколку што бевме вчера“, вели Василе.

Реванш натпреварот меѓу Македонија и Романија ќе се игра на 21 април во Скопје со почеток во 17:00 часот.