Амбициозната екипа на Ѓорче Петров, која во регуларниот дел од сезоната во Женската лига не стартуваше според зацртаните цели, денеска ќе има тешка задача против Вардар, во натпревар од 4. коло од плеј-оф фазата. За потсетување, претходните два натпревари меѓу овие две екипи во регуларниот дел завршија со победа на Вардар од 19:17 и 37:30.
Ѓорче Петров на претходните три натпревари во плеј-офот беше супериорен против Чаир, Пелистер и Стружанка. Ѓорчепетровки за натпреварот против Вардар можат да бидат драстично ослабени. Под знак прашалник е настапот на Ангела Јанкуловска поради повреда.
Сепак, во составот на Симе Симовски има доволен број на искусни ракометарки кои можат да го надополнат нејзиното отсуство. Една од нив е Симона Василева, која може да одигра на сите бековски позиции.
„Сметам дека сме доволно спремни за овој натпревар бидејќи трениравме напорно. Секоја ракометарка во нашата екипа го дава својот максимум. Ние како екипа секогаш одиме на победа, без разлика дали играме на домашен или на гостински терен. Секогаш го даваме најдоброто од себе за да ги освоиме бодовите и да оствариме победа. Екипата на Вардар во овој дерби дуел се смета за фаворит поради подоброто место на табелата, но сметам дека ќе може да парираме и мислам дека овој натпревар ќе биде доста квалитетен“, изјави Василева за 24 Ракомет.
Дербито меѓу овие две екипи ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“, со почеток од 17:00 часот. Ѓорче Петров со евентуална победа ќе остане во игра за титулата до самиот крај.