Македонскиот првак со победа од 18-25(7-12) се враќа од гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер 2. Откако минатата сезона младиот тим на пелистерци успеа да ги изненади Скопјани, овојпат Вардар покажа дека се уште размислува шампионски. По првото полувреме создаде солиден капитал, кој го одржа до крајот на натпреварот за нова победа во Суперлигата.
„Црвено-црните“ од самиот почеток ја преземаa контролата над резултатот, но минималното водство не го задржаa долго време. До 10 минута Еурофарм Пелистер ја промени рамнотежата на овој дуел и за прв пат поведе со 3-2. Во првиот дел одбраната на двете екипи беше на висина на задачата, па затоа резултатот на семафорот не се менуваше често.
Во средина на првиот дел, Вардар го направи првиот чекор кон победата. Добра одбрана, неколку интервенции на Томовски и неколку лесни погодоци на празна мрежа ги одведоа „црвено-црните“ на висока предност од седум голови, 4-11. Во финишот на првиот дел Еурофарм Пелистер 2 успеа да намали дел од високата разлика, на минута пред крај имаше негатива од само четири голови, но Манасков со својот шести гол ги постави конечните 7-12 по првиот дел.
Почетокот на второто полувреме Вардар го искористи да ја зголеми својата предност, па до 40 минута имаа и „плус девет“. Сепак домашните ракометари не дозволија македонскиот првак комплетно да се опушти пред финишот на дуелот. Набрзина создадоа серија од три голови, со кои се вратија на „минус шест“. Низ средината на вториот дел, Вардар имаше проблеми во организација на нападот, но тоа не успеаа да го искористат младите пелистерци, па затоа разлика се доближи само до онаа со која заврши првото полувреме, пет голови.
Во финишот на натпреварот Еурофарм Пелистер 2 направи неколку грешки во нападот, а тоа го искористија искусните ракометари на Вардар за да ја зголемат својата предност, која по шеесет одиграни минути изнесуваше „плус седум“ или конечен резултат 18-25.
Манасков ја предводеше листата на стрелци со 13 голови, Јагуриновски постигна 4, а Талески 3 погодоци за Вардар. Во домашниот состав, Павле Петровиќ постигна 8 голови, а Мартин Ивановски беше втор стрелец со 4 голови.
Во следното коло Вардар го пречекува македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер, во првиот од двата решевачки дуели кои ќе одлучуваат за новиот македонски шампион.