Ракометарите на Вардар ја забележаа втората победа во регионалната СЕХА лига, дивизија „Југ“, откако на домашен терен славеа над словачкиот првак Татран Прешов со 29-24. Македонскиот првак цело време го контролираше мечот, водеше и со осум гола разлика, на крајот малку попшушти во нападот, но сепак славеше со потребната разлика и сега има подобар меѓусебен скор со Татран пред последниот дуел со Партизан.
Се играше гол за гол на стартот, до 6-6, а потоа тргна серија на вардарци од три гола преку Манасков, Фереира и Георгиевски за 9-6. Бековската линија на Татран не беше закана за Томовски, па Вардар се одлепи на 11-7.
Избраниците на Владо Недановски ја одржуваа предноста до крајот на полувремето, иако имаа шанса и за плус шест, но Мишевски се сплетка во контрапанадот. На пауза се замина со 15-10 за Вардар.
Стартот на вториот дел исто така беше во знакот на Вардар, кој преку Чувара и Моралес зголемија на 17-10, беше и 18-11. Томовски фати зицер, потоа и пенал, па уште еден зицер, па Татран не успеа да ја намали негативата.
Нападот на Вардар влезе во мала криза, па промашија Моралес, Карапалевски и потоа Манасков од пенал. Татран намали на минус четири, 19-15, но Талески погоди по подолго време за 20-15.
Томовски одбрани во следната акција, гостите уште еднаш згрешија и Вардар си ги врати плус седум, 22-15 на десет минути до крајот. Беше и 23-16, а следните акции на македонскиот шампион завршија преку Аларов и Атанасовски за 25-17.
Немаше многу дилеми околу победникот до крајот на мечот и натпреварот заврши со посакуваните плус пет за вардарци, 29-24. Најдобри стрелци кај Вардар беа Чувара со пет, како и Моралес, Дутра Фереира и Георгиевски со по четири гола.
Голманот Томовски беше одличен на вардаровиот гол и забележа 12 интервенции, а запре и два пенали на гостите. Кај нив се истакнаа Рабек со десет, како и Касаткин и Митал со по три гола.
Следниот натпревар во битката за првото место во групата, Вардар ќе го игра на 28 февруари на гости во Белград кај Партизан. Потоа словачкиот и српскиот претставник ќе одиграат два меча меѓусебе, по кои ќе биде познат конечниот пласман.
Доколку „црвено-црните“ бидат првопласирани ќе играат со вториот од групата на Еурофарм Пелистер, Војводина и Нексе, а доколку се втори ќе се соочат со првопласираниот од таа група.