Многу често во минатото натпреварите меѓу Пролет и Вардар знаеле да бидат крајно неизвесно, но овојпат актуелниот шампион немаше проблеми да триумфира на гостински терен со 25-18 (16-7). Очекуван и „задолжителен“ триумф на вардарци со кои остануваат во трка за одбрана на титулата. Веќе немаат право на кикс и затоа на секој меч мораат да играат максимално. Пролет останува на осмото место на табелата, но „стартиот скопски клуб“ веќе ја исполни целта – влез во плејофот.
Како утеха за Пролет останува фактот дека во второто полувреме „го добија“ Вардар резултатски, но клучно беше првото полувреме во кое доминираа гостите.
Домаќините го искористија гостувањето на Вардар и пред натпреварот да им врачат благодарници на Томислав Јагуриновски и Михаил Аларов кои во јануари направија трансфер од Пролет во Вардар.
Поради набиениот календар Вардар играше без Велко Маркоски, Стефан Атанасовски, Борко Ристовски, Марко Мишевски и Куни Моралес. Во првото полувреме на клупата останаа и Стојанче Стоилов, Гоце Георгиевски и Дејан Манасков. Левото крило Манасков за момент влезе во вториот дел, но брзо седна а клупата.
Отпорот на Пролет траеше некаде до средината на првото полуврем кога повеќе минути резултатот остна непроменет, 5-3 иако двете екипи имаа повеќе напади за гол. Потоа тргна „вардаровиот воз“ и отидоа на 11-3 со што се најави дека гостите се дојдени по трите бодови.
Брзите контри на Јан Чувара и Ален Ќосевски му донесо а лесно водство на Вардар, и двајцата играчи заедно постигнаа 12 од вкупно 16 гола на „црвено-црните“. Иако домашниот голман Андреј Петковски ги имаше „на рака“ дел од тие топки, тие сепак завршија во мрежата.
Пролет на почеток ги имаше најискусните во игра, а потоа тренерот Алексо Лембанов им даде шанса и на помладите, Димковски, Крстевски, Фичорски и Спасовски. Но, разликата беше очигледна за да може да се направи пресврт.
Девет минути им требаше на домаќините да постигнат гол во вториот дел, и да намалат на 20-8. Како што Пролет имаше „црна дупка“ и период без гол така и на Вардар му требаа 12 минути да даде гол (21-14) во 49 минута.
Недановски мораше да повика тајмаут, бидејќи домашните имаа серија од 6-0 и намалија на 20-14. Тоа беше знак дека Леонардо Дутра и Јан Чувара мораат повторно да се вратат во игра и да ги „спојат“ редовите. Се уште беше тешко да се врати старата игра, а Пролет намали на 21-16. Таа „петка“ не делуваше критично, но играта на Вардар во која имаше повеќе погодени стативи и пречки, му овозможи на домаќинот да се понадева на шанса.
Немаше време за сериозен пресврт, ниту пак Вардар тоа го дозволи. На крајот „црвено-црните“ триумфираа со 25-18.
Кај победничкиот тим Јан Чувара даде 8 гола, а Ален Ќосевски пет гола. Во екипата на Пролет, четири гола постигна Михаел Тотиќ, а по три дадоа Александар Василевски и Ласко Андоновски.
Во следното коло Пролет гостува кај Тиквеш, а Вардар го пречекува Охрид.