На последниот натпревар од регуларниот дел од Супер машката лига тимот на Вардар ја оправда фаворитската улога против Струга и запиша убедлива победа со 35:22.
Гостите дадоа отпор само во почетните минути од натпреварот. Вардар поведе со 2:0 со головите на Тимур Дибироов и Стефан Крстевски, а Струга израмни преку Жарко Бајрактаревиќ и Славе Јанковски.
Во седмата минута Вардар за првпат успеа да направи три разлика и од тој момент на теренот постоеше само еден тим, а предноста на Вардар константно растеше. На средина од полувремето со голот на Дибиров по една контра Вардар дојде до плус пет. За издвојување од првиот дел е и деби голот на засилувањето од Охрид, Стефан Додиќ, кој во првиот дел помина десетина минути на теренот и постигна два гола. На полувреме Вардар имаше предност од 20:8.
Со оваа разлика веќе беше јасно каде одат бодовите, па во второто полувреме беше прашање само со колку голема разлика „црвено-црните“ ќе слават на овој дуел. Негативен момент за Вардар беше повредата на Стефан Крстевски, кој се повреди во 40. минута и до крајот на натпреварот не влезе во игра.
На крајот вардарци бодовите ги освоија со победа од 35:22 и го финишираа регуларниот дел од сезоната на првото место. Ова значи дека тимот на Вардар ќе стартува од највисоката позиција во плеј-офот и ќе има шест поени на стартот од натпреварите.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА