Вардар со три гола позитива на полувреме во првиот дуел за титулата

Првиот од двата дерби дуели кои одлучуваат за титулаа во македонската Суперлига изминува во тензична атмосфера на трибините во Јане Сандански во Скопје, а во израмнет ракомет на теренот. По првото полувреме кое траеше нешто повеќе од еден час поради полчасовниот прекин, Вардар има минимална предност пред Еурофарм Пелистер од три гола 13-10.

Првиот дел од натпреварот помина во изедначена игра. Воведната иницијатива и минимална предност ја имаше Еурофарм Пелистер се до 13. минута кога Манасков го врати Вардар во минимално водство по воведните 1-0. Секоја грешка и одбранет удар значеше многу на семафорот. Во средина на првото полувреме Ојлески повторно го доведе Еурофарм Пелистер во предност од еден гол, а по израмнувачкиот погодок на Талески, во моментите кога навивачката група Чкембари влезе на трибините настана општ хаос. Највоинствените навивачи од Битола започнаа да ја рушат заштитната ограда се фрлаа предмети и пиротехника кон поблиската трибина каде седеа навивачи на Вардар, а тоа испровоцира поголем конфликт. Дел од навивачите на Комити влетаа во теренот во обид да се пресметаат со нивните ривали, што предизвика дополнителни мерки за безбедност. Ракометарите се повлекоа во своите соблекувални, а откако повторно се обезбедија услови за игра, натпреварот продолжи.

Кишум ја врати предноста кај Еурофарм Пелистер, а израмнетата игра беше увертира за возбудлива завршница. Во самиот финиш на првиот дел, Жарко Пешевски постигна гол за израмнување на 10-10, а отогаш до крајот одбраните на Томовски и една на Ристовски од пенал му овозможија на Вардар предност на полувреме од 13-10.

Дејан Манасков постигна 4 голови за Вардар, го следеше Талески со 3. Каспер Кишум со 3 голови ја предводеше листата стрелци кај Еурофарм Пелистер, Хосни и Павле Атанасиевиќ имаа по 2.