Ракометарките на Вардар по двата порази во плеј-офот од Женската лига од Куманово и Ѓорче Петров, се вратија на победничките патеки, откако го добија дербито со Металург со 20-18.
Коцева и Трпевска донесоа 2-0 за Вардар на стартот, а по 3-2, гостинките од Автокоманда со серија од три гола го преземаа водството на мечот, 3-5. Вардарки се вратија на 5-5, но потоа почна нивната криза во нападот. По 8-9, голманката Илјаз имаше неколку одбрани во серија и Металург се одлепи на највисоки плус четири, 8-12. До крајот на полувремето Вардар реализираше, па на пауза се замина со 9-12.
Стартот на второто полувреме донесе подобра игра за домаќинките. Исто како и во првиот дел, така и сега Коцева и Трпевска отворија со погодоци, па за пет минути Вардар стигна до реми, 12-12.
Беше 12-14 за Металург, а Вардар шест минути не постигна погодок, но ниту гостинките не беа подобри во реализацијата во овој период. Дамјановска и Миновска донесе 14-14, а потоа по една одбрана на Илјаз, вардарки прифатија одбиена топка и по подолго време поведоа со 15-14.
Трајковска исто така бранеше добро, па му овозможи на Вардар и плус два, откако погоди Миновска за 17-15. Следуваше пенал за Металург, но Илиќ го одбрани и вардарки тргнаа по плус три, кој ги донесе Коцева на пет минути до крајот, 19-16.
Имаа избраничките на Драгана Ристова и напад за плус четири, но погрешија, па Трајковиќ казни за 19-17. Беше 20-17, Арсениевска намали на 20-18, Металург имаше шанса да загуби и со еден гол, но последниот шут не беше реализиран па триумфот остана за Вардар.
Ивона Трпевска беше стрелец на шест гола, Бојана Коцева даде пет за победничкиот тим, а Сара Миновска четири пати се запиша во листата на стрелци. Кај Металург одлична на голот беше Амра Илјаз, најпрецизна беше Ивана Арсениевска со пет погодоци, Ива Младеновска даде четири, а по три гола постигнаа Тамара Темелковска и Мила Трајковиќ.