Ракометарите на Вардар имаа тешко гостување во Струга, а на моменти се чинеше дека Веселин Вујовиќ нема решение иако на крајот победата беше изразена со 37:28.
Од почетокот на средбата составот на Струга покажа дека има мотивирани ракометари кои сакаат да се надигруваат. Дадоа силен отпор против „црвено-црните“, па вардарци не можеа лесно да се одвојат и влезат во мирен тек на средбата. Иако во првиот дел стигнаа до 11:5, сепак, ова не гарантираше мирно продолжение бидејќи домашните успеаја да казнат неколку грешки и моменти кога во желба за атракција се губеа топки.
До крајот на првото полувреме имаше многу голови, а на одмор се замина со само три гола разлика. Струга стигна до 15:18 и најави интересно продолжение.
Околку десет минути игра во продолжението од средбата донесоа многу поголеми возбудувања во кои стружани ги смирија целосно своите колеги од Скопје. Домашните на големо изненадување стигнаа до 19:19, а при 20:20 имаа напад за водство.
Ова беа моменти кога тренерот Вујовиќ делуваше премногу мирно. Во еден период целосно се смири и не можеше да поверува што се случува. Сепак, тука како да почна будењето на ракометарите, па до крајот на средбата покажаа дека за 20 минути можат да решат сè. Стружани како да се потрошија, па потпишаа капитулација.