Вардаровите ракометари се чини дека експресно ќе мора да се рехабилитираат од пандемијата со ковид-19, која целосно го парализираше тимот во последниот период.
Македонскиот шампион најави дека најверојатно нема да одигра ниту еден меч до крајот на сезоната поради целата ситуација, но ЕХФ не мисли така. Најверојатно Вардар ќе игра натпревар од Лигата на шампионите и тоа на гостински терен против Пик Сегед! Терминот е 22 декември, но клубовите се уште се обидуваат да се договорат.
Доколку датумот добие и официјална потврда ќе биде и тоа како тешко за „црвено-црните“ да се консолидираат особено и поради фактот дека во екипата има двајца нови позитивни, додека оние заразените од претходно дури следната недела ќе почнат со нормален тренажен процес.
Натпреварот меѓу Пик Сегед и Вардар требаше да се игра во 3. коло од групната фаза, но беше одложен поради тоа што унгарскиот тим имаше позитивни на ковид-19. Покрај овој меч, поради пандемијата вардарци не ги одиграа ниту натпреварите со Елверум, реваншот на гостински терен со Порто и двомечот со ПСЖ, натпревари со кои требаше да се комплетира првиот дел од сезоната.
Нема спас од ковид-19: Двајца нови позитивни вардарци, дел утре се враќаат на тренинг