Вардар е на чекор до пласман на завршниот турнир во СЕХА лигата, а пред одбрана на титулата претстои реванш четвртфиналниот меч со хрватски Нексе. Беше предвидено да се игра во март, но поради пандемијата истиот беше одложен.
СЕХА лигата заедно со Вардар, се договорија средбата да се одигра на 29 август во Скопје со почеток во 20:15 часот. Предвидено е од истиот меч да има ТВ пренос на МТВ 1 и МТВ3. Поради препораките за одржување на спортски натпревари на истиот натпревар нема да има присуство на гледачи.
Првиот меч во Хрватска го доби Вардар со 31-30. Вардар е еден од двата тима во СЕХА лигата што досега настапувал на сите девет Ф4 турнири. „Црвено-црните” се петкратни победници на лигата, и најуспешен тим во историјата на ова регионално натпреварување.
Покрај Вардар реванш четвртфинален меч треба да одиграат и екипите на Веспрем и на Војводина. Тој дуел е закажан за 25 август. Досега пласман на Ф4 турнирот имаат обезбедено екипите на Загреб и на Мешков Брест.