Дербито во Битола финишираше со нерешени 27:27 откако вардрци беа во водство во најголемиот дел од средбата, но домашните имаа подобра завршница. Решаваа нијанси, а и двете екипи имаа свои можности да дојдат до триумф. Сепак, Еурофарм Пелистер влезе со предност во последните секунди од средбата, а тимот на Вардар со пенал успеа да дојде до нерешен резултат.
Од почетокот на средбата двете екипи покажаа дека денеска играат на победа. Влегоа со многу поголема концентрација на нападот, па тоа не оставаше многу простор за одбрани туку имаше повеќе шанса за голови што можеше да се види и од бројот на погодоците.
На средина од првото полувреме дојде до првата предност од два гола, а гостите беа тие што поведоа со 9:7, па тоа беше причина за првиот тајм-аут кој го побара Бабиќ. Овие два гола отворија интересно продолжение, но ракометарите на Еурофарм Пелистер тешко успеваа да се вратат во потребниот ритам и место тоа после грешките прима голови што беше шанса за вардарци да ја зголемуваат предноста.
Како се доближуваше крајот од првото полувреме така предноста на Вардар растеше, па на нешто повеќе од две минути до крајот предноста беше пет гола, 17:12. До крајот на првиот дел беше постигнат уште еден гол за на одмор гостите да имаат предност од 17:13.
Почетокот на второто полувреме донесе подобра игра од страна на домашниот состав. Тимот на Еурофарм Пелистер постигна два гола користејќи ја играта со ракометар повеќе. Сепак, ова беше само доближување бидејќи гостинскиот состав брзо се консолидираше и успеа да ја врати предноста од паузата.
Нападите на Вардар многу често одеа до пасивен, па се користеше последната можност за да се шутира. Само петмина беа запишани во листата на стрелците, што само покажуваше дека тие го носеа товарот во текот на целата средба.
Домашните имаа одговор со седуммина во листата на стрелци, а како се доближуваше крајот на средбата така се фаќаше приклучок. Еурофарм Пелистер дојде на минус еден, а на четири минути до крајот беше исклучен и Стоилов.
Додека Вардар имаше ракометар помалку немаше гол, но затоа откако се комплетираа, Граџан искористи шанса за да донесе нерешени 26:26 на две минути до крајот од натпреварот. Мандалиниќ донесе предност, а кога се чинеше дека домашните ќе се радуваат на триумф Вардар изнуди пенал кој беше реализиран за реми од 27:27.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА