Еден од непоразените тимови досега во Женската лига беше некогашниот првак Вардар. Сепак избраничките на Драгана Ристова мораа да му честитаат на изненадувањето оваа сезона – Чаир, кој прослави победа со 28-27.
Вардарки во првиот дел водеа и со четири голови разлика, но сепак на пауза се замина со 15-17. Во вториот дел, повторно гостинките диктираа темпо, но борбените и мотивирани ракометарки на Чаир не се предаваа.
По 25-27 во 52. минута, кога погоди вардарката Николиќ, почна постот за гостинките од осум минути. До крајот стрелаше само Чаир. На два пати левото крило Николовска, а потоа и голманката Кицеска погодија за 28-27.
Имаше време и за Вардар, но немаше реализација, па победата остана во Чаир. Кај победничкиот тим се истакна Николовска со десет погодоци, а шест даде Леонора Рахмани, додека кај Вардар, Андреа Седлоска со девет голови беше најдобра на теренот.