После само еден одигран натпревар во пролетниот дел од сезоната екипата на Вардар се чини ќе остане без неколку ракометари и тоа пред важниот дуел против составот на Мотор Запорожје на кој победата е повеќе од потребна.
Летонецот Даинис Кристопанс е најавен од страна на Германците како засилување на Фуксе Берлин и се очекува веќе утре да биде претставен во редовите на тимот каде што член е и екс-голманот на Вардар, Дејан Милосављев (во моментов на листа на повредени бидејќи заздравува од операцијата).
Трансферот на Кристопанс ќе биде до крајот на оваа сезона бидејќи тој веќе има важечки договор со тимот на ПСЖ кој стапува на сила од јуни. Оттаму Фуксе Берлин добива засилување во битката за висок пласман во Бундес лигата до крајот на овој шампионат.
На излезна врата од Вардар е и Павел Атман, па голема е веројатноста дека в сабота против Мотор Запорожје покрај Даинис Кристопанс ќе го нема и интернационалецот од Русија Павел Атман, што ги отежнува работите за тимот на Стевче Алушовски.